На 18 февруари мисијата Марс2020 ќе слета во кратерот Језеро близу екваторот на Марс. Мисијата вклучува ровер наречен Perseverance (Истрајност) кој ќе ја истражи областа анализирајќи камења и собиракјќи примероци кои ќе се вратат на Земјата со мисија во 2026. Мисијата вклучува и дрон-хеликоптер наречен Ingenuity (Генијалност) кој ќе извидува потенцијални цели за истражување.
Језеро е интересна локација поради тоа што кратерот некогаш бил исполнет со вода и содржи значајни докази за нејзините ефекти. Уште попримамлива е и можноста дека кратерот некогаш содржел живот. Дел од мисијата Марс2020 е да трага по знаци за живот или било какви биолошки отпечатоци зачувани во каменот.
Планетарните геолози долго време го изучуваат Језеро како потенцијален кандидат за мисии на Марс. Одлуката да се прати ровер таму го направи цел на уште повеќе студии.
Конкретно извидничкиот орбитер кој моментално орбитира околу Марс има пратено многу видливи и инфрацрвени слики од регионот кој им овозможиле на геолозите оддалеку да ги проучат типовите на камења со кој Perseverance најверојатно ќе се сретне.
Адриан Браун од седиштето на НАСА во Вашингтон вели дека ова им помогнало да создадат детална слика на камењата кои ќе ги најде роверот и како тие би можело да биле променети во присуство на водата. Браун исто така напоменува дека карпите во Језеро се налик оние во Warrawoona, Австралија кои ги содржат најстарите фосилизирани докази за живот на Земјата.
Марс некогаш бил различен од сувата неплодна планета која што е денес. Пред 4 милијарди години тој имал многу вулкани, некои од најголемите во Сончевиот Систем, кои исфрлале големи волумени на гас и прав во атмосферата. Гасовите заробувале енергија од Сонцето предизвикувајќи температурите да пораснат со што се овозможило постоење на течна вода на површината. Атмосферата дури можеби содржела облаци со можност за дожд создавајќи одлични услови за појавување на живот.
Но, пред околу 3,7 милијарди години планетата почнала да се лади, заедно со својата внатрешност, гасејќи го внатрешното планетарно динамо и уништувајќи го неговото магнетно поле. Со ладењето на површината течната вода се замрзнала на половите како траен мраз. Ова довело до услови за масивно поплавување. Кога и да удрел астероид во област со мраз тој се топел создавајќи масивни струења на вода по површината. Денес планетата ги носи лузните направени од огромните канали кои биле изрезбани од страна на овие поплави.
Планетарните геолози сметаат дека кратерот Језеро се исполнил со вода барем два пати со што езерата кои настанале постоеле до 10 милиони години исчезнувајќи пред 3,7 милијарди години. „Ова може да е последниот пат кога течела вода по површината на Марс“ вели Браун, кој го презентирал овој труд на 23тата конвенција на Меѓународното марсовско друштво во октомври.
Кратерот има дијаметар од околу 50km и е добро проучен од страна на камерите на извидничкиот орбитер за Марс. Сликите направени на различни фрекфренции видлива и инфрацрвена светлина не само што ја откриваат композицијата на карпите туку и големината на зрната, со што се октрива како тие се разронувале со тек на времето.
Браун вели дека сликите ни кажуваат дека кратерот оригинално се формирал од карпи со оливин, минерал кој содржи железо, магнезиум, силикати и карбонати. Според него површинските карпи над водената линија се важно откритие поради тоа што ни го покажуваат каменот каков што бил непроменет при неговото формирање. Ова е важна референца за мисијата наспроти карпите променети од страна на водата.
Внатре во самиот кратер на многу места се има формирано глина, што геолозите сметаат дека може да се случи само во присуство на вода која би ги носела потребните минерали од околните области. Најверојатно таа има настанато во слоеви кој може да се видат близу брегот.
Најинтригантната линија на истражување според Браун е споредбата на карпите во Језеро со оние во Warrawoona во Австралија. Во 1983 палеобиолозите откриле докази од фосилизирани клетки во овие карпи кои се формирале пред 3,5 милијарди години. Ова е најстариот геолошки доказ за живот на Земјата.
Ова веднаш ни укажува дека слични докази можеби се присутни и во кратерот Језеро. Ако тоа е така тогаш важното прашање е дали Perseverance ќе може да ги собере и соодветно да ги анализира? Ова е големо прашање дури и за мисија дизајнирана да трага по живот. „Ограничувањата на инструментите кои се наменети да бидат подготвени веднаш по вселенскиот лет и далечината на научниот тим поставуваат граници во спектарот на можни научни анализи кои може да се изведат од страна на мисии со ровери на Марс“ вели Браун.
Сепак, Perseverance ќе собере примероци кои подоцна ќе се вратат на Земјата со друга мисија. Предноста на таквиот пристап е дека камењата може подетално да се проучуваат со поширок спектар на инструменти. „Инспирирани од срана на примероците од Аполо мисиите, кои се уште се двигател на нови лунарни научни откритија, очекуваме дека анализите на примероците кои ќе се вратат назад ќе се изведат со инструменти кои можеби денес се уште не постојат“ вели Браун.
Тој вели дека NASA и Европската вселенска агенција се имаат договорено заедно да работат на мисијата за враќање на примероците. „Номиналниот датум за лансирање е планиран во 2026, со враќање на примероците до 2031.“ Најверојатно ќе мора да почекаме до тогаш за дефинитивниот одговор на прашањето за постоењето на знаци од живот на Марс.
Превод: Максим Осман-Николов – Скопско Астрономско Друштво
Извор: www.astronomy.com