На 21 Декември Феномен на небото во последните 800 години

Во декември оваа година љубителите на ноќното небо ќе добијат посебен поклон поради тоа што Јупитер и Сатурн ќе бидат најблизу еден до друг на небото во последните 800 години. Поставете го својот телескоп и надевајте се на чисто небо.

Небесната синхронизација започна уште летото со тоа што Јупитер и Сатурн почнаа да се движат еден кон друг на небото при што во периодот меѓу 16ти и 25ти декември ќе бидат раздвоени само една петтина од дијаметарот на полна месечина.

Иако секако планетите нема воопшто да бидат физички близу една до друга, на ноќното небо ќе изгледаат како една светла точка. „Подредувањата меѓу овие две планети се ретки, и се случуваат еднаш на отприлика 20 години. Оваа конјункција е исклучително ретка поради тоа колку близу ќе изгледаат планетите една до друга.“ вели астрономот Патрик Хартиган од универзитетот Рајс.


Како конјункцијата на Јупуитер и Сатурн ќе изгледа низ телескоп (заслуга: Патрик Хартиган/CC BY 4.0)

„За да видите поблиско подредување меѓу овие објекти видливо на ноќното небо би требало да се вратите пред зори на 4ти март 1226 година.“

За најдобро да го искусите ова спектакуларно шоу би требало да сте некаде близу екваторот. Но, доколку небото е чисто тогаш подредувањето би било видливо од каде било на Земјата.

Според астрономите, планетарниот пар ќе се појавува на ноќното небо еден час по зајдисонце секоја вечер. Ако се надевате да го видите самите ќе треба да го насочите својот телескоп кон западното небо.

„Ноќта на 21 декември кога ќе бидат најблизу ќе изгледаат како двојна планета, раздвоена само за една петтина од дијаметарот на полна месечина“ вели Хартиган. „За повеќето набљудувачи со телескоп, на едно видно поле ќе бидат видливи двете планети заедно со неколку од нивните најголеми сателити.“

„Што посеверно се наоѓа набљудувачот, толку се помали шансите да ја забележи конјункцијата пред планетите да зајдат зад хоризонтот.“

Планетите ќе бидат видливи и за време на самрак. Веб страниците како Stellarium може да ви помогнат да одредите на каде треба да гледате од вашата локација.

Иако овој вид на подредување се нема случено уште од средниот век, ќе се повтори релативно скоро во март 2080 год. По тоа Јупитер и Сатурн нема толку да се доближат на ноќното небо до 2400 год.

Кога станува збор за вакви временски периоди, секогаш се исплати да бидеме во тек со настаните во Сончевиот Систем. Не би сакале да пропуштиме нешто неверојатно.

Превод: Максим Осман-Николов, Скопско Астрономско Друштво

Извор: www.sciencealert.com